Skip to content


Брзи одговори околу Отсуство за долг стаж во Викторија

Темите на оваа страница се следните

Што е отсуство за долг стаж

Отсутво за долг стаж е период на платено отсуство кое му се доделува на вработениот како награда за долг период на постојан работен однос кај еден работодавач.

Ова право изнесува 13 недели целосно платено отсуство после 15 години на работа. Вработените имаат право и на дополнително отсуство од 4,3 недели после секои последователни 5 години на постојан работен однос.

Вработените кои почнале со работа после 1 јануари 2006 г. имаат право на 8,66 недели отсуство после 10 години на работа.

Вработените кои се вработиле пред 1 јануари 2006 г. исто така имаат право на отсуство за долг стаж за работен стаж пократок од 15 години, според формулата за етапно воедување реформи.

Закони за отсуство за долг стаж во Викторија

Во Викторија, отсуството за долг стаж е регулирано со Законот за отсуство за долг стаж од 1992 г. (Закон за ОДС) (Long Service Leave Act 1992 - LSL Act).

На кого се однесува

Повеќето вработени во Викторија подлежат на Законот за ОДС.

Вработен подразбира лице вработено од страна на работодавач за да извршува секакви работи за наем или финансиска награда, а вклучува и приправници и стажисти.

И на вработените на неопределено време, и на вработените на определено време, и на вработените по потреба и на сезонските вработени им се води евиденција за отсуство за долг стаж.

Законот за ОДС не се однесува на вработените кои подлежат на федерална финансиска награда или договор на работно место, кадешто таквите финансиски награди или договори содржат сопствени одредби за отсуство за долг стаж. Доколку соодветната финансиска награда или договор не пропишуваат отсуство за долг стаж, тогаш се применува Законот за ОДС.

Важно е да се провери дали се применува Викторискиот Закон за ОДС, или ова право е пропишано со федерална финансиска награда или договор. Тоа може да се стори ако се јавите на Информативната линија за фер работен однос (Fair Work Infoline) на 13 13 94.

При прекин на работен однос

Се исплаќа Пропорционален надомест после 7 години при прекин на работен однос, или од страна на вработениот или од страна на работодавачот.

Како се пресметува исплатата на отсуство за долг стаж

Пресметката изнесува вкупен број на недели во работен однос поделени на 60, па помножени со просечната неделна плата во времето кога се зема отсуството, или кога вработениот го прекинува работниот однос.

Онаму каде што работното време на вработениот варира од недела во недела или онаму каде што работното време на вработениот се променило во текот на последните 12 месеци, како работно време на вработениот за пресметка на отсуство за долг стаж се зема просекот од претходните 12 месеци, или од претходните 5 години, а се зема поголемиот просек од овие периоди. Исплатата ќе се изврши според стапката за еден час за вообичаено работно време.

Доколку не се применува стапка за плаќање за вообичаено работно време, како на пример кога на вработениот му се исплаќа провизија или бонус, тогаш се користи највисоката просечна неделна стапка заработена во последните 12 месеци, или во претходните пет години.

Какви се правата за отсуство за долг стаж

Отсуството за долг стаж се евидентира според стапка од една недела за секои 60 недели во работен однос кај еден работодавач, што значи околу 0,866 недели годишно.

Земање отсуство за долг стаж – кога и како

Законот за ОДС пропишува дека вработениот има право да земе отсуство. Точниот датум кога би почнало отсуството треба да биде договорен помеѓу работодавачот и вработениот.

Периодот на отсуство може да се подели на не повеќе од 3 различни периоди.

Дали може отсуството за долг стаж ‘да се исплати како отпремнина’ наместо да се земе како одмор од работа

Не. Вработениот не може да прими ‘исплата како отпремнина’ за своето отсуство за долг стаж. Според Законот за ОДС претставува прекршок да се дава или прима исплата, наместо вработениот всушност да земе отсуство од работа. Тоа не е случај кога вработениот засекогаш престанува со работа во некој бизнис.

Дали времетраењето на одморот се пресметува во постојаниот работен однос за целите на стекнување право на отсуство за долг стаж

Повеќето форми на платено и неплатено отсуство, освен неплатеното родителско отсуство, се пресметуваат во времето во работен однос.

Дали времетраењето на боледувањето или WorkCover се пресметуваат во постојаниот работен однос за целите на стекнување право на отсуство за долг стаж

Секакво отсуство од работа не подолго од 48 недели од било која година заради болест или повреда се пресметува како дел од времето во работен однос. Секакво отсуство од такви причини подолго од 48 недели во било која година нема да се смета во времето на работен однос. Отсуството заради болест или повреда може да биде платено или неплатено и вклучува отсуство под WorkCover.

Како влијаат државните празници врз отсуството за долг стаж

Секој државен празник што паѓа во периодот на отсуство нема да биде пресметуван како дел од отсуството. Тоа е истиот начин на кој се третираат државните празници за време на годишен одмор.

Дали лицето кое е на отсуство за долг стаж може да работи за време на отсуството за долг стаж

Не. Се смета за прекршок да се работи за време на отсуство за долг стаж, или пак да се вработи некој кој е на отсуство за долг стаж.

Дали вработените можат да го искористат отсуството за долг стаж предвреме

Периодот за отсуство за долг стаж може да се одобри предвреме во договор од двете страни.

Колку долго работодавачот мора да чува евиденција за отсуство за долг стаж

Работодавачот мора да чува евиденција за ОДС за вработениот седум години по завршување на работниот однос. Евиденцијата мора да се води во формулар пропишан од Оддел за бизнис и иновации (Department of Business and Innovation). Шаблон на формуларот може да се најде на вебстраницата www.workforce.vic.gov.au. Нечувањето на ваква евиденција од страна на работодавецот може да доведе до криминално гонење и казни од Судот за прекршоци.

Дали вработениот може да бара право на отсусто за долг стаж доколку компанијата оди во стечај

Доколку бизнисот оди во стечај, вработениот итно треба да стапи во контакт со стечајниот управник за да биде исплатен од средствата како доверител на бизнисот. Доколку средствата се недоволни за исплатување на правото на вработениот за отсуство за долг стаж, може да се примени шема на федералната влада. Шемата за општи права на надомест на вработените и технолошки вишок (General Employee Entitlements and Redundancy Scheme - GEERS) може да ги исплати правата на надомест кога вработениот е отпуштен поради неликвидност на работодавачот. Јавете се на телефонската линија на GEERS на 1300 135 040 за да добиете информации за оваа шема.

Што се случува ако на вработениот му се должи за отсуство за долг стаж, а работодавецот не исплаќа

Поранешниот вработен може да поднесе жалба до Работна сила на Викторија (Workforce Victoria) за наводно прекршување на Законот за ОДС. Workforce на Викторија може да ја истражи жалбата и да побара да се исплатат неплатените права на надомест. Министерството исто така може да поведе судски спор при прекршување на Законот за ОДС.

Вработениот има можност да побара исплата на пари што му се должат според Законот за ОДС во Судот за прекршоци. Меѓутоа, судската постапка мора да почне во период од шест години од стекнување на правата за надомест на вработениот.

После завршување на работниот однос, колку долго треба да чека вработениот пред да добие крајна исплата за отсуство за долг стаж

ОДС треба во целост да му се исплати на вработеното лице на последниот ден од работниот однос. Неисплаќањето во целост од страна на работодавачот може да доведе до кривично гонење и казни од страна на Судот за прекршоци.